Дали има разлика доколку храната е органска или не? Краткиот одговор на ова прашање е да, има разлика! Разликата ќе ја почувствувате вие, вашите деца, пчелите, земјоделците, дрвата и реките. Најголемата разлика ќе ја почувствува планетата Земја. Органска храна и земјоделство за сите е темата на глобалната кампања Green Action Week.

Без отрови!
Во органското земјоделство не се користат хемикалии, како на пример синтетички пестициди, кои можат да бидат штетни за животната средина и човековото здравје. Пестицидите се ризични по здравјето на земјоделците. Но исто така се ризични и за луѓето кои живеат во непосредна близина на насадите кои се изложени на загадената вода, почвата или отпадот од фармите. Истражувањата покажуваат дека консумирањето органска храна ја намалува изложеноста на опасни пестициди.

Повеќе птици, растенија и пчели!
Биолошката разновидност е од суштинско значење за функционирањето на природата. Дали знаете дека заканите по биолошката разновидност се подеднакво горлив проблем како и климатските промени? Органските земјоделци садат огромен број на разновидни плодови наместо еден голем насад од ист вид. Овој и други методи на органско земјоделство го зголемуваат опсегот на видови на растенија, птици, животни и инсекти во почвата и околу насадите.

Знаење наместо хемикалии!
Треба да го промениме начинот на кој произведуваме и консумираме храна. Истражувањата покажуваат дека решенијата за иднината може да се најдат во органското земјоделство. Наместо користење хемикалии,органските земјоделци користат знаење. Тие имаат голема разновидност на производи, најчесто од домашно потекло. Тоа овозможува подобра заштита од суши и болести, а во многу земји од светот дури и ги зголемува приносите.

Дали сте знаеле дека…
Побарувачката на органски производи на светско ниво постојано расте. Се повеќе потрошувачи ги препознаваат придобивките од органската храна. Како резултат на ова, пазарот на органски производи е пораснат од 15 милијарди долари во 1999 година, на 72 милијарди долари во 2013 година.

Глобалната кампања Green Action Weekе организиранa и финансирана од Swedish Society for Nature Conservation, во соработка со Consumers International. Во Македонија активностите се спроведуваат од Организацијата на потрошувачите на Македонија.