Со внесување органски производи во секојдневната исхрана ќе придонесете за избегнување штетни материи, зачувување на вашето здравје и здравјето на вашите најблиски.

 
Органските производи:

  1. Содржат повеќе природни хранливи материи. Органските производи содржат повеќе природни хранливи материи, како што се природните шеќери, витамин Ц, каротиноиди, антиоксиданси, и поголеми количини минерални материи како: калциум, магнезиум и железо. На пример, органското млеко содржи повеќе омега 3 масни киселини, а органските компири содржат повеќе витамин Ц. Еден од најмоќните антиоксиданси – ресвератролот – често се сретнува во органските производи, а се смета дека ги штити крвните садови.
  2. Содржат помалку штетни нитрати. Студиите покажуваат дека органските листести зеленчуци (на пр. зелка, спанаќ, марула, магдонос) содржат 10 до 40% помалку нитрати, поради неупотребата на вештачи ѓубрива во производството.
  3. Ја минимизираат вашата изложеност на пестициди. Во конвенционалното земјоделско производство се употребуваат повеќе од 400 различни пестициди, па нивните остатоци честопати се присутни и во храната и тие можат да предизвикаат нарушување на здравјето. Најдобар начин да се одбегнат овие хемиски пестициди е со користење на органски производи во чие производство нивната употреба не е дозволена.
  4. Имаат помалку адитиви. Одредени адитиви на храната можат да бидат канцерогени, или да предизвикаат други видови на нарушувања – како на пример хиперактивност кај децата. Во производството на храна во Европската унија се користат 290 адитиви, додека во производството на органска храна е дозволено да се користат само 32 строго определени адитиви. Поради оваа причина, може да се каже и дека органската храна има поприроден мирис, вкус и боја.
  5. Немаат хормони, генетски модифицирани организми (ГМО), антибиотици и други синтетични лекови. Синтетичните лекови што се користат во неорганското производство на храна може да предизвикаат рак или развој на бактерии кои се отпорни на антибиотици. Во органското производство се забранети ваквите лекови, хормони и генетски модифицирани плодови или состојки.