Производителите на органски производи се придржуваат до строги и повисоки стандарди на производство, а имаат и дополнителни трошоци за задолжителна сертификација на нивното производство и трошоци за редовни контроли од страна на надлежните институции. Дополнително, откажувањето од употребата на вештачки препарати во производството понекогаш резултира и со помали приноси кај органските фармери. Поради овие причини во Европската унија и на другите развиени пазари органските производи може да имаат повисока цена од онаа на производите кои не се произведени по органски пат. Сепак, поради големата конкуренција на пазарот во Македонија, цената на органската храна се приближува кон цената на храната која не е одгледана и произведена на органски начин.
Од друга страна, потрошувачите кои се свесни за врската помеѓу квалитетот на исхраната и здравствената состојба на човекот се подготвени да купат здрави производи и, секако, да платат нешто повисока цена за нив. За вас како потрошувач, купувањето органски производи овозможува не само здрава исхрана, туку и активен придонес за заштитата на животната средина.