Green Action Week е светска кампања за поттикнување одржлива потрошувачка на прехранбени производи.

Проектот „Подобрете ги прехранбените избори и зачувајте ја животната средина“, спроведуван од Организацијата на потрошувачите на Македонија (ОПМ), е дел од глобалната кампања Green Action Week за промоција на одржлива потрошувачка. Секоја година во октомври, организации од различни држави спроведуваат активности за истакнување на заеднички предизвици. Во 2016 година, активностите од кампањата се спроведуваат од 3 до 9 октомври, а вкупно 43 организации од 31 држава земаат учество во глобалните активности.

Проектот на ОПМ има за цел да ги мотивира потрошувачите да прават подобар избор на пазарот на храна со земање предвид на последиците врз животната средина. На долг рок, проектот ќе влијае потрошувачите почесто да купуваат органска храна што ќе придонесе за раст на локалниот пазар за храна произведена без синтетички пестициди и ѓубрива, и намалени штетни влијанијапри производството на храна. Во подготовката на овој интернет сајт, активно придонесоа Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и специјализираната продавница за органска храна – Биокулт, а во неговата промоција е вклучена и Агенцијата за храна и ветеринарство.

Green Action Week е иницијатива на Swedish Society for Nature Conservation и се спроведува во координација со меѓународната потрошувачка организација – Consumers International. За време на кампањата ширум светот, сите новости, информации и слики ќе бидат споделени на Фејсбук страницата на Green Action Week. Повеќе информации за кампањата може да најдете и на нејзиниот глобален веб-сајт.